Партиски обвинувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за преземањето на „Стопанска банка-Битола“

Илустрација - логоата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Српското сценарио се потврдува во Македонија и преку зделките со Алта Банка“, предупреди Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО СДСМ, посочувајќи дека преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на српската Алта Банка е реализирано веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ.

Тој рече дека „Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“, што, укажува на сериозно политичко-финансиско влијание.

Димитријевиќ детално објасни дека сопственикот на Алта Банка, Давор Мацура, во Србија стекнал огромни државни бизниси иако до вчера бил сопственик на мала менувачница, наведувајќи дека токму тој модел на сомнителни зделки е препознатлив за власта на Српската напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ.

Тој потсети дека Европската централна банка му го суспендирала правото да купи удел во Адико банка поради сомнеж за потеклото на капиталот, како и дека постои долга истрага за Alta Pay поради сомнежи за перење пари.

„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Еве го српското сценарио на кое предупредуваме!“, истакна Димитријевиќ на прес-конференција.

Видете и ова: СДСМ обвини дека семејна фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендер - Томовски вели дека тоа се измислици

Во партиската реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ паак се вели дека се вчудоневидени од денешната „бомба“ на СДСМ и ја обвинија опозицијата дека „живее во паралелен универзум“.

„Повеќе од 10тина дена, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава?“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДМПНЕ.

Од СДСМ пак побараа Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за како што велат, „крајно сомнителното преземање“ и да не се дозволи Македонија да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди“.